Поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс, кој лојално му служеше на Доналд Трамп, но се сврте против него по нападот на Капитол во 2021 година, денеска официјално ја објави својата кандидатура за претседателска номинација на Републиканската партија за изборите во 2024 година
„Секогаш ќе бидам горд на напредокот што го постигнавме заедно за посилна и попросперитетна Америка“, нагласи Пенс во видео пораката, критикувајќи го актуелниот демократски претседател Џо Бајден, но не го именуваше директно Трамп.
Многу ретко се случува поранешен потпретседател да се кандидира против претседателот за кој работел. Ова се случило само неколкупати во американската историја.
На Пенс му претстои тешка задача бидејќи има поддршка од само 5 отсто од републиканските гласачи, зад Трамп за 44 процентни поени, според анкетата на Ипсос за Ројтерс во мај.
Пенс, кој наполни 64 години, ќе се соочи со Трамп и најмалку десет други кандидати за претседателска номинација на Републиканската партија, што во суштина е битка меѓу двајцата фаворити, Трамп и гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис. Пенс им се приклучува на се поголемиот број републикански кандидати, меѓу кои се Трамп, гувернерот на Флорида, Рон Десантис, поранешниот гувернер на Њу Џерси, Крис Кристи, сенаторот Тим Скот и поранешната гувернерка на Јужна Каролина, Ники Хејли.