Половина час пред изрекување на правосилната пресуда за воениот злосторник Радован Караџиќ, пред зградата на Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови (наследник на Хашкиот трибунал), беше раширен транспарент на кој Караџиќ е спореден со Хитлер.
„Радован Караџиќ – геноцид, Адолф Хитлер – холокауст“, пишува на платното кое семејствата на настраданите и претставници на бошњачките здруженија го поставија на заштитната ограда од трибуналот.
Полицијата интервенираше и бараше транспарентот да биде отстранет. Тие им рекоа на демонстрантите дека не е примерно да се употребува името на Хитлер.
Претставници од здружението „Мајките од Сребреница“ одбија да го сторат тоа.