Генералниот секретар на Европската комисија, Мартин Селмаер, на амбасадорска средба изјави дека ЕК нема големи очекувања од претстојната средба на претседателот на ЕК Жан Клод Јункер и американскиот претседател Доналд Трамп.
Тие кон крајот на овој месец треба да разговараат взаемните царински мерки. Од една страна САД ги оцаринува челикот и алуминимот, на што ЕУ возврати со царини врз клучни американски производи како моторите Харли Дејвидсон и Левис фармерките.
Селмаер на ЕУ амбасадорите им порачал дека Јункер ќе се обиде да го убеди Трамп дека Европа и Америка се пријатели, а не ривали, како и дека е можно да му се понуди на американскиот претседател билатерален трговски договор, кој би ги укинал сите индутриски царини.
ЕУ и САД требаше да склучат трансатлантски трговски договор до пред две години, познат како ТТИП или ТАФТА. Доаѓањето на новиот американски претседател во Белата куќа и силната спротиставеност на синдикатите и активистите во земјите на ЕУ целосно го замрзнаа овој проект.
Односите меѓу ЕУ и САД никогаш не биле постудени. Освен трговските, двата блока се судираат и за договорот за денуклеаризација на Иран, а несогласувања се појавија на последниот Самит на НАТО, каде Трамп им замери на европските држави дека не издвојуваат доволно пари од буџетот за одбраната.
(Миа)