Претседателот на Италија Серџо Матарела му го довери мандатот за состав на нова влада на Карло Котарели, кој тоа го прифати „со резерва“, соопшти генералниот секретар на претседателството Уго Зампети.
Изјавата ја даде по состанокот на Матарела со Котарели, што траеше околу 1,5 час, објави „Кориере дела сера“. Економистот Карло Котарели (62) пристигна на состанокот со Матарели во палатата Квиринале директно од римската железничка станица Римини, наведува весникот.
Мнозинство политички партии во Италија претходно соопштија дека во Парламентот нема да поддржат технократска влада и дека ќе инсистираат на распишување предвремени парламентарни избори наесен доколку на чело не дојде коалициска влада.
Луиџи ди Мајо, лидер на Движењето пет ѕвезди, кој во март на изборите имаше најмногу гласови, изјави синоќа дека би требало да биде отповикан претседателот Матарела поради „предавство на државата“ бидејќи одбил да го прифати Савон за министер за економија.
– Бевме на неколку чекори од формирање влада и запрени сме бидејќи во нашиот кабинет е министер кој ја критикува ЕУ, изјави тој за РАИ.
Неговиот засега несуден коалициски партнер и лидер на Лигата, Матео Салвини изјави дека во Италија треба да се одржат нови избори.
Претходно синоќа мандатарот за состав на нова влада Џузепе Конте го врати мандатот на претседателот Матарела, откако шефот на државата одби да го прифати Паоло Савоно за министер за економија. Конте, му предаде листа на министри на Матарела во обид да стави крај на двомесечниот политички ќорсокак во кој се најде Италија по изборите.
Матарела синоќа рече дека не можел да поддржи формирање влада и оти набрзо ќе одлучи дали ќе има нови избори. Тој оцени дека членството во еврозоната е фундаментално за Италија и дека изборот на Савоне би значел излегување од неа.
Карло Котарели е поранешен комесар за надзор над јавните расходи во владата на Енрико Лета, а за време на владата на Матео Ренци стана извршен директор на Советот на Меѓународниот монетарен фонд. Од крајот на минатата година, Котарели (64) е директор на Одделот за следење на јавните финансии на Италија при Католичкиот универзитет во Милано.
Весникот „Република“ објавува дека за време на мандатот на премиерот Енрико Лета, Котарели имал неуспешен обид во 2013 година како специјален комесар за ревизија на јавни трошоци да утврди и да го намали беспотрербно трошење пари во јавната администрација. По една година, следниот премиер Матео Ренци го вратил Котарели во ММД каде кон крајот на 80-те години како експерт за фискална политика извршувал разни функции.
Весникот „Кориера деласера“ објави дека се појавиле спекулации за тоа кои ќе бидат министри во неговата техничка влада. Имено, како кандидат за нов министер за надворешни работи се споменува дипломатот Џампјеро Масоло, поранешен шеф на Секретаријатот на поранешниот премиер Силвио Берлускони од неговата влада во 1994 година.
Ниту по 12 недели од одржувањето на парламентарните избори, што е рекорд во историјата на Републиката, Италија нема влада.
„Кориере дела сера“ нагласува дека предвремени избори ако се одржат, нема да бидат обичен тест на избирачите туку референдум за Европа, за еврото како и за уставниот поредок на државата.
МИА