Осумгодишно дете е меѓу петте жртви во пукањето во дом во Тексас. Меѓу другите жртви имало и две жени пронајдени како лежат врз две преживеани деца, соопшти полицијата.
Инцидентот се случил доцна синоќа во Кливленд, на околу 70 километри североисточно од Хјустон.
Локалниот шериф кажа дека осомничениот е Мексиканец кој е вооружен со полуавтоматска пушка. Тој сѐ уште е во бегство.
Полицајците сметаат дека мажот бил во алкохолизирана состојба кога почнал да пука во близина на куќата. Кога соседите побарале од него да престане, бидејќи децата спијат, тој почнал да пука во домот.
Во тој момент на имотот имало вкупно 10 лица, на возраст од 8 до 40 години. Познато е дека сите жртви се од Хондурас. Не се објавени детали за нивниот идентитет или каква било врска со напаѓачот.
Инцидентот се случи неколку дена откако девет лица беа повредени при пукање за време на тинејџерска забава во западен Тексас. Пред две недели четворица млади луѓе беа застрелани за време на забава за 16-ти роденден во Алабама.
Според американскиот Центар за контрола и превенција на болести, инцидентите со огнено оружје се главната причина за смрт кај децата и тинејџерите во САД.