Украина можеби никогаш нема да биде примена во НАТО, Алијансата едноставно се плаши тоа да го каже гласно, смета заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија Дмитриј Медведев, коментирајќи ги одлуките од првиот ден од самитот на НАТО во Вилнус.
– Се е како што мислевме: Акцискиот план за членство на Украина во Алијансата – укинат. Во смисла на побрзо примање. Да се покани (Украина) во НАТО. Но, ќе ја примат – не се знае кога и под кои услови. Многу веројатно – никогаш. И тоа е она што реалистите во Алијансата се плашат да го кажат гласно, напиша Медведев на Телеграм.
Според него, намерата на земјите од НАТО да ја зголемат воената помош за Киев е всушност ќорсокак, трета светска војна е сè поблиску.
– Да се зголеми воената помош за режимот во Киев. Со сè што е можно: ракети, касетна муниција, авиони. Сосема полудениот Запад не можеше ни да смисли ништо друго. Предвидливост од највисоко ниво, до идиотизам. Фактички – ќорсокак. Трета светска војна е сè поблиску, оцени Медведев.
Тој додаде дека „руската специјална воена операција“ ќе продолжи, а нејзините цели ќе останат исти.
– Што значи сето ова за нас? Сè е очигледно. Специјалната воена операција ќе продолжи со истите цели. Една од нив е и откажување на киевската нацистичка група од членство во НАТО, на што инсистиравме од самиот почеток (што е невозможно), напиша тој.
– Значи, таа група треба да биде ликвидирана (што е можно и неопходно), додаде Медведев.