четврток, 7. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Меј ќе побара од ЕУ нови преговори за Брегзит

Меј ќе побара од ЕУ нови преговори за Брегзит

Британската премиерка Тереза Меј денеска изјави дека ќе побара од Европска унија нови преговори за начинот за излегување на Велика Британија од ЕУ на 29 март, јави Би-Би-Си.

За денеска е предвидено Меј да има телефонски разговори со клучните лидери на ЕУ, пред гласањето во британскиот Парламент за идната насока за Брегзит.

ЕУ ја отфрли можноста за измена на текстот на договорот со британската премиерка, но Меј на членовите на Владата им кажа дека ќе бара правно обврзувачки измени за контроверзната ирска граница.

Противниците на Брегзит, кои минатиот месец гласаа против договорот, истакнаа дека се подготвени да ја поддржат Меј доколку обезбеди измени за границата со Ирска.
Меј инсистира дека нејзиниот договор може да доби поддршка во Парламентот, доколку има измена за границата со Ирска.

Таквите одредби, познати како заштитен механизам, би ја задржале Велика Британија во царинска унија со ЕУ, за да се отстрани потребата за контрола долж границата помеѓу Северна Ирска и Ирска откако Лондон ќе излезе од Унијата.

Меј го поддржа предлогот со кој се бара заштитниот механизам да се замени со „алтернативни аранжмани“ и за тоа побара поддршка од конзервативните пратеници.