Италијанската премиерка Џорџа Мелони ги повика Обединетите нации да водат „глобална војна“ против трговците со луѓе и илегалната миграција, јави ДПА.
Агенцијата истакна дека ова се случува во момент кога чамци со мигранти продолжуваат да пристигнуваат на италијанскиот медитерански остров Лампедуза, каде ситуацијата е тешка. Мелони го упати својот повик во говор за време на дебатите за општа политика на годишната сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Во рок од неколку часа денеска повеќе од 700 луѓе пристигнаа во Лампедуза со чамци од Африка, јави италијанската агенција АНСА, цитирајќи ги локалните власти.
Од вчера на островот пристигнаа над 20 нови чамци од кои повеќето тргнаа од Тунис.
Прифатниот центар за мигранти во Лампедуза, кој има капацитет од 400 луѓе, и натаму е преполн со повеќе од 1.100 луѓе.
„Убедена сум дека задачата на оваа организација е да им објави глобална војна на трговците со луѓе без лицемерие и без компромиси“, рече Мелони за време на нејзиниот говор во Обединетите нации.
Таа додаде дека Италија е подготвена да биде „во првите редови“ на овој процес.
Според податоците на италијанското МВР, од почетокот на годинава во земјата по морски пат пристигнале околу 130.000 мигранти – речиси двојно повеќе од истиот период лани, забележува ДПА.