Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска изјави дека е постигнат договор со домашната индустрија за задржување на ниските цени на основните производи, како што се храната, средствата за лична хигиена и производите за бебињата.
Експерименталната програма трае од 1 октомври до 31 декември и вклучува 32 деловни здруженија кои се договориле да ги намалат цените на одредени артикли во овој период.
Организацијата на потрошувачи Асунтенти го пофали проектот и пресмета потенцијална заштеда од четири милијарди евра.
Во програмата се вклучени синџири на супермаркети, трговците на мало, како и производители на храна и лекови.
Се очекува продавниците кои учествуваат во проектот, производите да ги обележат со налепници во зелена, црвена и бела боја – боите на италијанското знаме.
Инфлацијата е предизвик за италијанската влада, иако забележа пад од почетокот на руската инвазија врз Украина.
Италијанскиот министер за економски развој Адолфо Урсо изјави дека инфлацијата забележала пад и е под просекот на Европска Унија, од 11,7 отсто кога Мелони ја презеде функцијата минатиот октомври на 5,4 отсто во септември.
Заводот за статистика на ЕУ утре ќе објави нови податоци за инфлацијата.
Во август потрошувачките цени во 27-те земји на ЕУ се зголемени за 5,9 отсто во однос на претходната година, како и за 5,2 отсто во 20-те земји кои го користат еврото.
Тоа е помалку од рекордните 10,6 отсто измерени во еврозоната во октомври 2022 година. (МИА)