Германската канцеларка Ангела Меркел ги осуди немирите што се случија изминатиот викенд во Штутгарт, по полициската контрола во рамки на истрага за трговијата со дрога.
Портпаролот на Меркел, Штефан Зајберт денеска рече дека тие грди сцени мора наостро да бидат осудени и оние кои учествувале во насилство, брутално напаѓале полициски службеници, уништуваа и ограбуваа продавници на ниту еден начин не можат да бидат оправдани.
Властите информираа дека по нередите во кои беа повредени 18 полицајци, уапсени се 24 лица.
Нередите почнаа откако полициски службеници запреле 17-годишно момче поради сомнение дека поседува дрога, на едно место каде се собираат младите, соопшти полицијата. Потоа присутните почнале да фрлаат со камења и шишиња, а помали групи трчале по улиците и кршеле излози на продавници.
– Ситуацијата беше целосно надвор од контрола, рече вчера портпаролот на полицијата.
Учесниците во немирите ги гаѓаа полицајците со камењата со кои се поплочени улиците и разбиваа излози во центарот на градот. Неколку групи излегоа на улиците на центарот на градот и насилството избувна околу полноќ, а полицијата објави дека во немирите биле вклучени неколку стотици лица