Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел одби да ја прифати функцијата почесен претседател на Христијанско-демократската унија (ЦДУ).
Воедно ја одбила поканата за вечера со веројатно идниот претседател на ЦДУ, Фридрих Мерц, објавија денеска германските медиуми. Мерц треба да биде избран за претседател на партијата на утрешната партиска конвенција на ЦДУ.
„Поранешната канцеларка дојде до заклучок дека титулата почесен претседател на партијата повеќе не е во духот на времето“, изјави за РТЛ Армин Лашет, сè уште претседател на ЦДУ. Последниот почесен претседател на ЦДУ, Хелмут Кол поднесе оставка од оваа функција по скандалот со партиските донации.
Во исто време, неделникот „Шпигел“ пишува дека Ангела Меркел ја одбила поканата за вечера со Фридрих Мерц, кој треба да биде избран за нов партиски лидер на утрешната партиска конвенција во Берлин.
Според Шпигел, Мерц ги поканил на вечера поранешните претседатели на ЦДУ по неговиот избор за претседател на партијата, за кој се вели дека е безбеден откако базата му даде предност на внатрешните избори во декември.
Набљудувачите велат дека Мерц, кој е познат како претставник на традиционалното, конзервативно крило на партијата, сакал да ги подобри традиционално лошите односи со Ангела Меркел и либералното крило на партијата. Поканата за вечера ја одбила и Анегрет Крамп-Каренбауер, која го презеде раководството на ЦДУ од Ангела Меркел во 2018 година.
И Меркел и Каренбауер го оправдаа одбивањето на поканата со „совпаѓање со други обврски“. Поканата за вечерата ја прифатиле поранешниот претседател на партијата Волфганг Шојбле и сеуште актуелниот претседател Армин Лашет.