вторник, 9. април 2024. Вести денес: 0
home Вести

Меркел повика да се гласа за Лашет за Германија да остане стабилна

Меркел повика да се гласа за Лашет за Германија да остане стабилна

Германската канцеларка Ангела Меркел ги повика гласачите да гласаат за Армин Лашет, конзервативниот кандидат на нејзината Христијанско-демократска унија (ЦДУ) за Германија „да остане стабилна“.

„За Германија да остане стабилна Армин Лашет треба да стане сојузен канцелар“, кажа Меркел пред неделните избори.

На изборите се најавува тесен дуел меѓу фаворитот, кандидатот на Социјалдемократите Олаф Шолц и неговиот ривал од десницата,Лашет.

„Прашањето кој ќе владее со Германија не е неважно“, додаде Меркел и предупреди на сценариото во случај на победа на социјалдемократот Шолц кој води во анкетите.

„Дали можете да замислите црвено-црвено-зелена влада?“, ги праша таа претставниците на нејзината ЦДУ и сестринската ЦСУ на состанокот во Минхен, најголемиот град во Баварија на последниот предизборен митинг одржан вчера.

Меѓу можните опции за идна коалиција не е исклучен сојуз „црвени-црвени-зелени“ на социјалдемократската СПД, партијата од радикалната левица Ди линке и Зелените.

Таа коалиција меѓутоа не е најверојатна и е соочена со бројни идеолошки разлики меѓу трите партии.

Меѓутоа конзервативците кои не стојат најдобро во анкетите мавтаат со таа можност како со црвена марама за да ги мобилизираат своите гласачи.

Канцеларката го критикуваше најавеното кревање на даноците кое го најави социјалдемократскиот кандидат и кажа дека тоа ќе ги избрка фирмите во Австрија и Холандија.

„Тоа не е наша политика“, кажа таа и додаде дека повеќе сака политика која дозволува компаниите да останат дома и тука да создаваат работни места за Германија да просперира.