Комесарката на Советот на Европа за човекови права Дуња Мијатовиќ денеска го критикуваше однесувањето на хрватската полиција кон илегалните мигранти кои доаѓаат од БиХ, а од властите во Сараево побара поодговорен однос кон мигрантите.
Мијатовиќ посебно ја критикуваше праксата на т.н. пуш бек, односно туркање на мигрантите назад преку границата. Таа тактика, според неа е кршење на Конвенцијата за човекови права, вклучително и правото на азил и забрана за мачење.
– Голем број лекари ми дадоа конзистентни изјави за насилство, кое го спроведува хрватската полиција, изјави Мијатовиќ на прес-конференција во Сараево.
Таа потенцираше дека ќе продолжи да ја следи состојбата со илегалната миграција во БиХ и регионот.
Посетата на Мијатовиќ на БиХ е за да утврди колкав е степенот на проблемите на илегалните мигранти и ги посети сите бегалски кампови.
Мијатовиќ појасни дека се заложила кампот Вучјак кај Бихаќ веднаш да биде затворен поради нехумани услови, а министерот за безбедност на БиХ Драган Мектиќ ветил дека тоа наскоро ќе биде направено.
– Во БиХ има 8.000 мигранти. Дали е тоа најголемиот проблем на државата? Ним треба да им се обезбеди барем минимум од она што го добиваат бегалците од БиХ во 90-те години, потенцираше Мијатовиќ.