Хрватскиот претседателот Зоран Милановиќ силно ја критикуваше позицијата на Хрватска во Обединетите нации, каде што официјален Загреб гласаше против резолуцијата со која се бара итен, траен и одржлив хуманитарен прекин на огнот во Газа.
Во петокот, Генералното собрание на ОН усвои резолуција со која се повикува на „итно, трајно и одржливо хуманитарно примирје“ во Газа, но во документот не се споменува Хамас по име, поради што 14 земји гласаа против резолуцијата, вклучително и Хрватска.
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ по доделувањето на наградите на офицерите на Воената академија „Д-р Фрањо Туѓман“ повтори дека неодамнешното гласање на Хрватска во ОН против резолуцијата за воспоставување хуманитарен прекин на огнот во Газа е направено без консултација со него.
-Недостигот на рбет покажа и постојаниот претставник, човек кој се рекламираше како борец за човекови права, рече Милановиќ за хрватскиот претставник во ОН, Иван Шимоновиќ. Требаше само да се остане воздржан, смета хрватскиот претседател, кој истиот избор на Австрија, но и на Чешка го смета за необјаснив.
Тој, исто така, рече дека како политичар во последните 20 години „стоел многу елегантно надвор од тоа буре лудило на Блискиот Исток, каде што нема добри“. Тој додаде дека никогаш не се залагал за палестинска држава. – Нема да молчам во оваа ситуација. Немаме никакви комплекси, ниту сме ги прогонувале Евреите во Втората светска војна, па сега да мораме да трпиме секакви потези на израелската влада, без никаква одговорност, и тоа од перспектива на земја и хрватскиот народ кој беше малтретиран за се. Ние не сме потомци на нацисти, ние сме потомци на главно антифашисти, голема група на луѓе кои се бореле за правда, понекогаш насилно и погрешно. Затоа јас немам комплекси, ако ги имаат Австријците и Германците нека ги лечат, нека закачуваат туѓи знамиња, ние нема, потенцира хрватскиот претседател.
-Во моментов на Блискиот Исток се случуваат лоши работи и нема невини, рече тој.
Тој го нарече израелскиот амбасадор во Хрватска „милитантен агитатор кој вика и го прозива хрватскиот претседател среде Загреб, а нашата беда од Влада не реагира на тоа, оценува Милановиќ. (МИА)