сабота, 25. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Милион муслимански верници на аџилак во Мека

Милион муслимански верници на аџилак во Мека

Милион муслимански верници се собраа денеска во светиот град Мека во Саудиска Арабија, со цел да учествуваат во аџилакот.

Пандемијата од коронавирусот изминатите две години значајно го ограничи пристапот до едно од најголемите муслимански светилишта.

Министерството за аџилак на Саудиска Арабија издаде дозволи за еден милион аџии од земјата и од странство да извршат аџилак, што почнува денеска. Станува збор за бројка помала од 2,5 милиони муслимани кои за таа намена допатуваа во 2019 година.

Од Министерството соопштија дека годинава аџилакот е за лица помлади од 65 години, целосно вакцинирани.

Муслимански верници кои доаѓаат од странство мора да ги почитуваат сите здравствени мерки на претпазливост и да имаат негативен резултат од ПЦР тест.

Лицата се избрани меѓу милиони пријавени низ систем на лотарија на интернет.

Само илјада верници можеа да извршат аџилак летото во 2020 година.

Аџилакот во Мека е еден од петте столбови на исламот. Секој муслиман е должен барем еднаш во животот да отиде на аџолак.

Аџилакот се состои од патување во Мека, пристигнување и чествување на аџилакот, што вклучува девет основни обреди.