вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Министерството за одбрана контра Земан: „Новичок“ се тестира, но не се произведува во Чешка

Министерството за одбрана контра Земан: „Новичок“ се тестира, но не се произведува во Чешка

Нервните супстанци од групата „Новичок“ се тестираат, но не се произведуваат во Чешка, соопшти денеска чешкото Министерство за одбрана.

– Со цел заштита на безбедноста на граѓаните, во земјата се тестирани хемиските својства на супстанци од групата „Новичок“, како и други борбени отровни супстанци како што се сарин или табун. Спроведени се испитувања врз микрограми од серијата „Новичок“, по што примероците веднаш биле уништени, стои во соопштението на Министерството.

Претходно денеска, Министерството за надворешни работи во Прага, исто така соопшти дека во Чешка не се извршени никакви испитувања на супстанцијата А234, со која во Велика Британија беа затруени рускиот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија, туку со друг агенс од серијата „Новичок“.

Реакциите на двете министерства следат откако чешкиот претседател Милош Земан вчера во телевизиско интервју рече дека во неговата земја била произведена незначителна количина на супстанца од групата „Новичок“.

Повикувајќи се на податоци од военото разузнавање, Земан рече дека нервниот агенс А230 бил тестиран во Брно.

Прашкиот весник „Лидове новини“ денеска објави изјава на премиерот Андреј Бабиш, кој изрази збунетост, затоа што чешките специјални служби даваат различни изјави за постоењето на „Новичок“ на територијата на земјата.

Весникот потсетува на вчерашните зборови на претседателот дека според податоци на военото разузнавање, во Чешка е синтезирана супстанцата А230, која е од групата „Новичок“. Чешкото контраразузнавање, Информативната служба за безбедност, констатирала дека супстанцата не е од групата „Новичок“, но Земан изјави дека ја прифаќа верзијата на военото разузнавање.

– Тоа е изненадувачки, главно поради тоа што една служба тврди едно, а друга служба вели сосема друго. Така што треба да ги прашаме што всушност имаат предвид, рече Бабиш.

Во меѓувреме, Русија ја искорист изјава на Земан, тврдејќи дека таа ги демантира неоснованите обвинувања на Лондон дека Москва е одговорна за нападот врз Сергеј и Јулија Скрипал, пишува „Лидове новини“.

(Миа)