вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Мировна конференција за одбележување на самораспуштањето на ЕТА

Мировна конференција за одбележување на самораспуштањето на ЕТА

Меѓународни посредници и претставници на баскиското цивилно општество се собраа денеска на мировна конференција за да го одбележат крајот на сепаратистичката организација Баскиска татковина и слобода (ЕТА).

Во отворено писмо до баскискиот народ, ЕТА во средата соопшти дека ги распушта своите структури и повеќе нема да изразува политички ставови.

Во текот на речиси 50 години сепаратистичка кампања, ЕТА е одговорна за убиството на над 850 лица во рамки на борбата за создавање баскиска држава во северна Шпанија и југозападна Франција. Во 2011 година таа објави примирје, а минатата година се разоружа.

Семејствата на жртвите на нападите на ЕТА таквиот потег го оценија како пропаганда и побараа шпанската Влада да продолжи со прогон на сите кои биле поврзани со насилни дејствија.

Шпанскиот премиер Маријано Рахој вчера изјави дека ЕТА не треба да се надева на амнестија за извршените злосторства.

– Што и да напарави, ЕТА не може да се извлече без казна… Ништо не и должиме и нема за што да и бидеме благодарни, посочи Рахој.

ЕТА е формирана на 31 јули 1959 година, за време на диктатурата на Франциско Франко во Шпанија.

Сепаратистичка организација во 2011 година соопшти дека се откажува од насилството, а во 2017 година го предаде оружјето на француските власти и достави листа со скриени магацини за оружје. Таквиот потег шпанските власти го оценија како обид на ЕТА да се самораспушти.

ЕТА во завчерашното писмо соопшти дека целосно „ги расформира своите структури“ и ја признава одговорноста за неуспехот да го реши баскискиот „политички конфликт“.

Баскиската сепаратистичка организација пред две недели се извини за злото кое го нанеле на жртвите и членовите на нивните семејства за време на речиси 50-годишната вооружена борба за независност на Баскија.

(Миа)