Претставници на ЕУ треба да и помогнат на Украина да ги истражи и процесира воените злосторства извршени за време на руската инвазија, соопшти Европскиот совет, кој ги претставува 27-те земји-членки на Унијата.
Претставниците на ЕУ во Украина ќе им обезбедат на истражителите обука и стратешки совети со цел виновниците да одговараат „во согласност со меѓународното право“, се вели во денешното соопштение.
Советодавната мисија на Европската унија Украина (ЕУАМ Украина) исто така треба да му помогне на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во неговата истрага, како и на другите земји-членки на ЕУ кои учествуваат во истрагата.
Официјални лица од ЕУАМ Украина веќе се во Украина и работат со мисија за обука за да и помогнат на земјата да ги реформира своите цивилни безбедносни сили и да ги подобри демократските стандарди.
Кај украинската јавност се појави длабока недоверба кон полицијата и поширокиот цивилен безбедносен систем по насилството против демонстрантите во Украина во 2014 година. (МИА)