Три лица починаа во Танзанија од мистериозна болест која наликува на ебола.
Властите во оваа земја овој случај го нарекоа „многу чуден“. Здравствените власти се испратени да ја испитаат болеста од која досега се заразени 13 лица. Симптомите вклучуваат треска, главоболки, несвестица и крварење, особено од носот. Немаше претходни случаи на ебола или Марбург, две смртоносни хеморагични болести, пријавени во Танзанија.
Од друга страна, соседните земји Конго и Уганда ги регистрираа овие болести. Исто така, ниту еден од 13-те пациенти, кои живеат во јужниот регион Линди, не бил позитивен на ниту една од овие две болести.
– Негативни се и тестовите за КОВИД, соопштија надлежните.
Главниот медицински офицер на Танзанија, Ифело Сихалвен, рече дека еден од пациентите целосно се опоравил, додека другите се изолирани.
– Владата формираше тим од професионалци кои се уште ја истражуваат оваа непозната болест – рече Сихалвен.
Претседателката на Танзанија, Самиа Сулуху Хасан, рече дека „чудна“ болест може да биде предизвикана од „зголемената интеракција“ меѓу луѓето и дивите животни. И Марбург и еболата, за кои е познато дека се шират меѓу луѓето, може да се пренесат со лилјаци.
Гана, која се наоѓа на западниот брег на Африка, минатата недела пријави два сомнителни случаи на вирусот Марбург, кој убива до 90 отсто од заразените пациенти. Пациентите меѓусебно не биле познати, што укажува на тоа дека болеста се шири.