Благајникот на папата е осуден за силување на две деца во катедралата. Тој ги негираше сите обвиненија и тврдеше дека е невин, а неговите адвокати поднеле жалба на пресудата, која доколку е успешна ќе има ново судење.
“Си заминавме после неделната миса и пиевме вино, но тој нè улови. Го изваде пенисот под свештеничката униформа. Ме принуди на орален секс. Имав само 13 години”, сведочеше на суд 36 годишниот маж, некогашен министрант во катедралата Св. Патрик во Мелбурн.
Него и уште едно дете ги злоставувал бискупот Џорџ Пел, а овој близок соработник на Папата, ватикански благајник и трет човек во хиерархијата на целата Католичка црква сигурно ќе заврши зад рештки, бидејќи веќе бил прогласен за виновен, а се чека само официјалната пресуда во среда.
Второто момче кое било силувано, загинало во несреќа. До среда Пел е на слобода, но веќе на самото напуштање на судот се соочи со бесот на јавноста.
“Ти си животно! Ќе гориш во пеколот!”, извикувале присутните.
Според австралиските закони максималната казна за злоделото кое го направил е 50 години затвор. Во историјата на Католичката црква ниту еден толку висок функционер не бил осуден како сексуален престапник.
Шокот е голем и за самиот Папа Франциско, бидејќи Пел беше еден од неговите најблиски свештеници, а пред два дена завршила големата конференција во организација на Папата, каде Католичката црква јавно се соочи со проблемот на сексуално злоставување од страна на свештеници.
Надбискупот Пел беше на чело на проектот “Мелбурнски договор” со кој црквата се обидуваше да се справи со злоставувањето во своите редови, а сега се покажа дека и самиот тој е злоставувач. Пел инаку е осуден уште кон крајот на минатата година, но пресудата не можела да биде јавна сè додека не заврши уште едно судење за сексуално насилство на детето од 70-те години, за што Пел бил ослободен поради недостаток на докази.