четврток, 25. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Моравјецки побара замрзнатиот имот на руските олигарси да се префрли во новиот Фонд за обнова на Украина

Моравјецки побара замрзнатиот имот на руските олигарси да се префрли во новиот Фонд за обнова на Украина

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки по денешниот состанок на т.н. Лублински триаголник, меѓу премиерите на Полска, Литванија и Украина во Варшава, побара да се запленат замрзнатите средства на руската држава, имотот на руските олигарси на Запад и да се префрлат тие средства во новиот иден Фонд за обнова на Украина.

-Технолошки санкции, санкции за стоки со двојна намера, која може да служи и за воени цели, замрзнување на имотот на руската држава и на олигарсите. Тој имот нека се искористи за обнова на Украина, побара полскиот премиер од западните сојузници на прес-конференција.

Моравјецки истакна дека средствата од тој иден фонд треба да им служат на луѓето кои нападнаа и кои се жртви на рускиот претседател Владимир Путин.

-Бруталниот агресор кој ја напаѓа државата нека ја плати највисоката цена што може да биде во демократијата и мирниот соживот на народот, нека ја плати цената на своите финансиски средства што ги акумулира низ целиот свет. Денеска апелираме од Варшава од состанокот на Лублинскиот триаголник: замрзнете ги целосно средствата на руската држава, запленете ги. Замрзнете го имотот на руските олигарси, големи и мали, деловни и политички. Овие средства нека послужат за обнова на државата која денес херојски ја брани својата независност и суверенитет, изјави Моравјецки.

Полскиот премиер додаде дека Полска ќе направи се за да подготви процедура за Украина што навистина ќе ја доближи до Европската унија, а со таа надеж ќе биде потребен и огромен фонд создаден од замрзнати и конфискувани средства и имот на руската држава и нејзините олигарси.

Моравјецки истакна дека она што се случува во Украина, особено во градовите како Мариупол, претставува масакр, „едноставно кланица среде Европа“. (МИА)