Русија мора да одлучи дали ќе биде со Европа или против неа, а засега таа го избира конфликтот, смета полскиот премиер Матеуш Моравјецки во интервјуто за италијанскиот весник „Ла република“.
-Русија мора да избере дали сака да биде со Европа или против неа. Владимир Путин денеска го избира конфликтот. И ова и штети не само на Европа, туку и на неговата земја, рече Моравјеци.
Тој истакна дека „Европа не сака конфликт со Русија. Но, Европа не може да толерира притисок и уцени врз основа на енергија. Затоа мора да бидеме обединети пред провокациите на Путин. Времето за отстапки истече. Мора цврсто да реагираме со воведување санкции“, рече послкиот премиер во интервјуто за италијанскиот весник.
Зборувајќи за видео врската меѓу Путин и американскиот претседател Џо Бајден, полскиот премиер кажа дека „би му бил благодарен на претседателот Бајден доколку овој разговор ја намали активноста на Русија на границата со Украина и Европа. Но, искуството покажува дека на Путин не може да му се верува и дека политиката на отстапки не функционира“, додаде Моравјетски.
Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, претходно изјави дека Русија гледа информативна кампања од западните земји за да се прикаже Москва како закана за процесот на решавање на конфликтот во Украина. Тој не исклучи дека ваквата кампања е камуфлажа за прикривање на „агресивните мисли, што можеби имаат место во Киев“.