Русија смета дека директни трилатерални разговори меѓу Москва, Киев и Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) за заштитената зона околу нуклеарната централа Запорожје не се можни поради моменталната состојба на руско-украинските односи, изјави рускиот постојан претставник во МААЕ Михаил Уљанов.
– Се разбира, напредокот по ова прашање би можел да биде побрз доколку се одржат трилатерални разговори, но тоа е невозможно поради моменталната состојба на руско-украинските односи, изјави Уљанов во интервју за ТАСС.
Тој објасни дека од тие причини генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, се занимава со шатл дипломатија и дека наизменично комуницира со Киев и Москва. Рускиот дипломат верува дека се уште има шанси да се постигне договор за заштитената зона околу нуклеарната централа Запорожје, но дека е рано да се каже дека е блиску.
– Минатиот понеделник во Париз се одржа состанок меѓу генералниот директор на МААЕ и украинскиот премиер Денис Шмигал. Како што дознаваме, на оваа тема детално се разговарало за време на средбите. Значи, процесот продолжува и има шанси да постигнат договор. Во исто време би било рано да се каже дека сме блиску до договор, изјави Уљанов.