недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

На Антарктикот измерена температура за 38 степени повисока од вообичаеното

На Антарктикот измерена температура за 38 степени повисока од вообичаеното

Научниците измериле невообичаено високи температури на Антарктикот овој месец. Температурата на истражувачката станица Конкордија, попозната како најстуденото место на Земјата, на 18 март била 11,5 степени Целзиусови под нулата.

Како што објави Си-Ен-Ен, нормалната дневна температура таму е околу 49 степени Целзиусови под нулата, што значи дека измерената е за 38 степени повисока од вообичаеното.

– Се чини дека тоа е нов светски рекорд со највисоката температурна разлика измерена некогаш на метеоролошка станица, ја пренесува Си-Ен-Ен изјавата на Роберт Роде, водечки научник од Универзитетот Беркли.

Рандал Сервени, професор по географија на Универзитетот во Аризона и експерт за екстремни рекорди на Светската метеоролошка организација вели дека Светската метеоролошка организација не евидентира такви податоци за тоа колку температурата е под или над просекот, што не значи дека податоците за измерените температури не се легитимни.

Екстремно високите температури на Јужниот пол се причина за загриженост поради долгорочните ефекти врз мразот, особено доколку потраат. За само неколку дена на Антарктикот се распаднала санта мраз со големина на Лос Анџелес.

Националниот центар за податоци за снег и мраз на САД соопшти дека мерењата на површината под мраз спроведени минатиот месец покажуваат дека ледениот појас околу Антарктикот е најмал од 1979 година кога почнаа специјални сателитски мерења.

Научниците уверуваат дека влијанието од краткорочното покачување на температурата како тоа од 18 март ќе биде мало.

– Доколку такви ситуации се случат во иднина и тие станат почести, тогаш може да имаат значително влијание, вели Џон Кинг од Британската експедиција на Антарктикот.