Статистиката на Министерството за внатрешни работи на Австрија покажува дека минатата година низ патиштата во земјата животот го изгубиле вкупно 410 лица, јави дописникот на МИА од Виена.
Според полицијата, 199 од загинатите биле возачи или патници во автомобили, 11 биле патници во товарни возила, 78 мотоциклисти, 10 возачи на мопед, 68 пешаци, пет возачи на трактор, тројца возачи на работни машини и еден бил патник во автобус.
Според овие бројки, црниот биланс во земјата останува на нивото како во 2018 година, кога во сообраќајни незгоди во Австрија загинале 409 лица.
По покраини, зголемување на жртвите има во Салзбург, каде што вкупно загинале 31 лице што е за четири повеќе во споредба со 2018 година. Најлоша година според австриските власти била 1972, кога низ патиштата во земјата во загинале речиси 3.000 лица.