Сите синдикати во Белгија на 21 септември ќе организираат заеднички протест во земјата поради инфлацијата, тие бараат покачување на платите и контрола врз цените, јави дописничката на МИА од Брисел.
Во синдикалните кругови највеќе загрижува огромното покачување на цените на енергијата. Тие бараат од властите да преземат поконкретни мерки и дадат поголема помош за работниците и домаќинствата, соочени со огромните поскапувања. Како што потсетуваат синдикатите, некои работници мораат да дадат речиси цела плата само за да ги намират своите сметки.
Освен тоа, синдикатите бараат и реформа на закон од 1996 година кој не овозможува покачување на платите над 0,4 отсто, додека компаниите и акционерите прават огромни профити и дивиденди.
Протестот има за цел да се изврши притисок врз политиката и бизнисот во пресрет на социјалните преговори, а се најавува и генерален штрајк во текот на ноември.