Над 60 шиитски бунтовници Хути и војници на провладините сили загинале за едно деноноќие при судири во провинцијата Ходејда, во западен Јемен, соопштија извори од силите за безбедност и болнички претставници.
Авионите на коалицијата предводена од Саудиска Арабија и јеменските провладини копнени сили ја засилија воената кампања во оваа провинција која е под контрола на Хутите, откако на 19 декември бунтовниците лансираа балистичка ракета кон саудискиот главен град Ријад.
Во последните 24 часа се убиени вкупно 53 Хути во два региони на Ходејда, а повредени се 63 бунтовници.
Меѓу провладините сили има 12 загинати и 19 повредени лица.
Градот Ходејда, главниот административен центар на истоимената јеменска провинција, е од суштинско значење, бидејќи неговото пристаниште на Црвеното Море е главен влез за увозната стока во земјата. (МИА)