Во јапонскиот град Нагасаки беше одбележана 75-годишнина од американското нуклеарно бомбардирање во Втората светска војна.
Градоначалникот на Нагасаки и преживеаните од тој трагичен, катастрофален настан апелираа до светските лидери да се вклучат повеќе за да се забрани нуклеарното оружје ширум светот.
Точно во 11.02 часот по локално време, во исто време кога американскиот бомбардер Б-29 исфрли атомска бомба врз Нагасаки пред 75 години, преживеаните од американското нуклеарно бомбардирање и бројни гости им оддадоа почит на сите жртви со минута молчење.
Бомбардирањето на Нагасаки на 9 август уби 70.000 луѓе, а само три дена пред тоа, првата атомска бомба беше фрлена на Хирошима и однесе дури 140.000 животи. Шест дена подоцна, на 15 август 1945 година, Јапонија потпиша капитулација, со што заврши Втората светска војна.
Многу преживеани настрадаа од карцином и други болести затоа што беа изложени на радијација и лоши услови за живот во разурната, повоена Јапонија.
Градоначалникот на Нагасаки, Томихиза Тау, прочита мировна декларација во која изрази загриженост за нуклеарната закана. Тој, исто така, побара од Владата на Јапонија итно да се приклучи на договорот за забрана на нуклеарно оружје, оценувајќи дека светот е во поголема опасност од нуклеарен конфликт.