Не е важно како некој живеел или како ќе умре, туку каква кауза има, изјави украинскиот режисер Олег Сенцов, кој се наоѓа во руски затвор, во текст што неговата братучетка Наталија Каплан го прочита на церемонијата на доделувањето на наградата на Европскиот парламент за слобода на мислата „Сахаров“ во Стразбур.
– Современиците не се секогаш правични, но историјата е, и секој го добива местото и името што му е дадено, наведува режисерот во пораката.
Тој му оддава почит на Андреј Сахаров, истакната личност меѓу дисидентите од советската ера, по кого е именувана наградата.
– За да го поврзам моето име со неговото е голема чест за мене. Се надевам дека ќе имам повеќе време да направам нешто за да почувствувам дека ја заслужив таа награда, додава Сенцов.
Украинскиот режисер Олег Сенцов (42), во 2015 година беше осуден на 20 години затвор во Русија, за тероризам. Тој е еден од најгласните критичари на нелегалната анексија на Крим од страна на Русија. Сенцов 145 денови штрајкуваше со глад.
Украинскиот режисер ќе добие и 50.000 евра за неговиот придонес во борбата за човекови права.
За наградата „Сахаров“ годинава беа номинирани организациите кои ги спасуваат мигрантите на море и мароканскиот активист Насер Зефзафи.
Наградата „Сахаров“ ја доделува ЕП секоја година на најзаслужното лице или организација во областа на заштита на човековите права и слободата на изразување.