Денеска е Ден на сеќавање на Холокаустот, а 27 јануари е избран затоа што на овој датум во 1945 година Црвената армија го ослободила Аушвиц, каде што пронашла околу седум илјади преживеани затвореници во логорот, меѓу кои и 700 деца.
Тоа беше крајот на еден од најлошите ужаси во историјата на човештвото, кој траеше цели илјада и 689 дена, при што беа убиени повеќе од милион луѓе, најмногу Евреи.
Аушвиц всушност бил дел од комплекс логори изграден од нацистите во окупираната Полска со намера да ги истребат сите Евреи во Европа. Тоа била една од фикс-идеите на нацистичкиот лидер Адолф Хитлер, која се провлекуваше низ сите негови злосторства.
Аушвиц беше директен резултат на нацистичката идеологија, која ги ставаше нацијата и расата над сè друго и сметаше дека одреден број народи не само што се помалку вредни, туку и се закана за „ариевската расна чистота“. Според тоа, Аушвиц беше реализација на идеите на нацизмот.
Аушвиц се карактеризира и по тоа што нацистите смислија систем за масовно убивање со отровен гас, а многу затвореници во овој концентрационен логор директно од возовите кои доаѓале од цела Европа биле испраќани во гасни комори, каде што биле отруени. После тоа, нивните тела биле палени во специјално изградени крематориуми.
Првите убиства од овој вид во Аушвиц се случиле во август 1941 година, кога била тестирана ефективноста на отровниот гас врз полски и советски затвореници, а целата работа набрзо пораснала до размери што дури и денес не можат целосно да се сфатат. Од 1942 година до крајот на 1944 година, 1,3 милиони луѓе биле одведени во Аушвиц, од кои 1,1 милион биле убиени. Најмногу Евреи (околу 960 илјади) и Полјаци (74 илјади), Роми (21 илјади), советски затвореници (15 илјади) итн.
Индустриското масовно убивање, за жал, не е единствениот хорор на Аушвиц, туку само најголемиот. Во логорот се вршеле монструозни експерименти врз луѓе со кои раководел озлогласениот доктор Јозеф Менгеле, се спроведувале секакви мачења и понижувања, тоа било пекол на земјата.
Злосторствата биле извршени и со учество и помош на голем број обични Германци, од кои повеќето не биле крволочни чудовишта како Менгеле, туку биле убедувани дека само „следеле наредби“ и ги извршувале своите задачи за доброто на германската нација и Третиот Рајх.
На тоа му претходела целосна дехуманизација на Евреите и сите други кои нацистите ги сметале за помалку вредни, па машината на смртта наречена Аушвиц можела да функционира со застрашувачка ефикасност. Само 789 луѓе, околу 15 отсто од оние кои учествувале во функционирањето на логорот, завршија на судење за нивната улога во злосторствата во Аушвиц, а управникот Рудолф Хос беше осуден на смрт.
На влезот во Аушвиц стои циничниот натпис „Arbeit macht frei“, односно „Работата ослободува“, што имало за цел да сугерира дека тоа е работен логор. Нацистите сепак се труделе да скријат дека вршат масовен геноцид, па требало долго време веста за Аушвиц да стигне до сојузниците, кои, како што коментираат познавачите, „не биле многу успешни во обидите да го запрат или барем да го забават индустриското убивање на Евреите“. И денес се обвинуваат затоа што, на пример, не ги бомбардирале пругите што воделе кон Аушвиц.
За жал, и денес има луѓе кои го негираат холокаустот или наоѓаат оправдување за злосторствата на нацистите и нивните сојузници, а многу истражувања покажуваат дека младите сè помалку знаат што навистина се случило во Аушвиц. „Нникогаш повеќе да не се случи“ е фраза која често се слуша на комеморациите за холокаустот и злото на нацизмот. (МИА)