Најмалку 18 лица загинаа денеска, а повеќе од 50 се водат како исчезнати во поплави и лизгање на земјиштето, предизвикани од тропската бура Тембин која го погоди јужниот дел на Филипините, јави ДПА.
Над 15.000 луѓе се евакуирани поради бурата, која ја зафати јужната област Минданао со брзина на ветрови од 90 километри на час, а на почетокот од денов достигнуваа и до 125 километри на час.
Во градот Тубод, во провинцијата Ланао дел Норте, едно земјоделско село е погодено од поплави и лизгање на земјиштето, при што се зафатени 100 куќи. Во невремето загинаа најмалку 11 лица, соопштија локалните власти.
– Повеќе од 50 жители се водат како исчезнати во селото, изјави Рој Сикуја, шеф на провинциската агенција за помош при катастрофи.
Во соседната провинција Ланао дел Сур, седум лица загинаа при поплави во три градови, додека четворица се водат како исчезнати.
Минатата недела над 50 луѓе загинаа при лизгање на земјиштето и поплави, предизвикани од тропската бура Каи-Так, која ги погоди централните делови на Филипините.