Најмалку 26 лица загинаа, а шестмина се водат како исчезнати во Хондурас, откако тропската бура Ета предизвика поплави во земјата, соопшти денеска националната комисија за вонредни состојби.
Повеќе од 65.900 лица во 68 општини биле отсечени од надворешниот свет, додека 26.795 биле евакуирани, а 11.000 биле сместени во привремени засолништа.
Од ураганот во Хондурас биле погодени вкупно 1,7 милиони луѓе.
Ета целосно уништила 49 станбени згради, а 140 претрпеле сериозна штета.
Стотици граѓани на Хондурас сè уште се дома и чекаат спасувачки екипи бидејќи некои региони станаа недостапни поради поплави и свлечишта.
Ураганот Ета го погоди брегот на Хондурас во понеделникот, на 2 ноември. Тој беше класифициран како категорија 4, а подоцна ја изгуби својата сила и стана тропска бура, а потоа се сведе на т.н. тропска депресија.
Врнежите од дожд и силните ветрови предизвикани од Ета силно ги погодија земјите низ Централна Америка, а бурата сега се движи кон Флорида. (МИА)