Најмалку 27 војници се убиени, а 33 други се повредени, од кои некои и потешко, во терористички напад врз воен камп во Мали, јави ДПА.
Седуммина војници сè уште се водат за исчезнати, доцна синоќа соопшти владата на воената хунта.
Нападот се случил вчераутро во близина на селото Мондоро.
Засега ниту една група не ја презеде одговорноста за нападот.
Слични напади во минатото извршуваа исламистичките групи.
За време на потерата што следела, 70 од напаѓачите биле „совладани“, се наведува во соопштението, пренесено од ДПА.
Во оваа проблематична западноафриканска држава, која од 2012 година претрпе три воени удари, со години наназад има активни терористички групи, од кои дел им ветија верност на Ал Каеда или Исламска држава. (МИА)