петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Најмалку 51 загинат во затворот во колумбискиот град Тулуа

Најмалку 51 загинат во затворот во колумбискиот град Тулуа

Најмалку 51 затвореник загина во пожарот што избувна за време на бунт во добро обезбедуваниот затвор во југозападниот колумбиски град Тулуа, изјави денеска шефот на националната затворска агенција.

Трагедијата претставува еден од најлошите инциденти со насилство во затвор во оваа земја.

-Тоа е трагичен и катастрофален настан, изјави претходно денеска Тито Кастеланос, директор на затворската агенција ИНПЕЦ, за локалното радио Каракол.

– Имаше бунт, затворениците ги запалија душеците што доведе до пожарот, рече тој.

Кастеланос подоцна ја потврди смртта на 51 лице, од кои 49 починаа во затворот, а двајца подоцна во болница.

-За жал, повеќето се умрени од вдишување чад, изјави Кастеланос за Каракол.

Дваесет и четири лица се згрижени во болницата, а пожарот го изгаснале локалните пожарникари, додаде тој.

Во затворот имало вкупно 1.267 затвореници, а одделението каде што избувнал пожарот може да прими 180 лица.

Во Колумбија, како и во многу земји од Латинска Америка, затворите се исклучително пренатрупани.

Во колумбиските затвори можат да се сместат вкупно до 81.000 затвореници, но во моментов во нив има околу 97.000, покажуваат официјалните податоци. (МИА)