Најмалку пет лица загинаа, а засега неутврден број се повредени во торнадо што, денеска, рано утринава го погоди југоисточен Мисури. Во моментов екипите за итни случаи бараат жртви во уништените домови и деловни објекти.
Смртните случаи биле пријавени во округот Болингер, каде што повеќе локални агенции учествуваат во спасувачката операција, изјави началникот на полицијата, Кларк Парот, пренесоа британските медиуми. Тој додаде дека повеќе лица се повредени, но точната бројка засега не е позната.
Фотографии на социјалните мрежи од Глен Ален, село што се наоѓа на 177 километри јужно од Сент Луис, прикажува куќи без покриви, урнати дрвја и далноводи, додека купишта ѓубре ги прекрива патиштата и дворовите.
-Едноставно, трогателно е да се видат домовите на луѓето без покриви, изјави Парот откако ја испита штетата.
„Имаме работа, но ќе го поминеме ова“, додаде тој.
Според Националната метеоролошка служба, торнадото ја погодило областа околу 3:30 часот по локално време.
Неговата појава се поврзува со фронтот на бурата што минатата среда ги погоди Средниот Запад и Југот на САД.
Предупредувања за торнадо и грмотевици се издадени за околу 24 милиони Американци. (МИА)