петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Најмалку шестмина загинати во самоубиствен бомбашки напад близу воена академија во Кабул

Најмалку шестмина загинати во самоубиствен бомбашки напад близу воена академија во Кабул

Најмалку шест лица загинаа и 12 се повредени во експлозија во близина на воената академија во авганистанскиот главен град Кабул, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Бомбаш-самоубиец се разнесе на обиколница во близина на Воената академија Маршал Фахим, се додава во соопштението.

Портпаролот на Министерството, Насрат Рахими во пишана изјава информира дека загинале двајца цивили и четворица војници, а најмалку 12 други, меѓу кои и пет цивили, се повредени.

Според Рахими, бројките се „првични и подлежат на промена“.

Засега никој нема преземено одговорност за нападот.

Нападот во Кабул се случи по неколкумесечен мир во градот.

Во моментов претставници на Талибанците и САД одржуваат разговори во Катар со цел да се стави крај на војната во земјата.