недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

НАСА ја избра компанијата „Локхид Мартин“ за развој на летало за на Марс

НАСА ја избра компанијата „Локхид Мартин“ за развој на летало за на Марс

Американската Национална воздушно-вселенска администрација – НАСА и Напредната одбранбена агенција за истражувачки проекти – ДАРПА ја избраа компанијата „Локхид Мартин“ за конструкција и развој на вселенско летало со нуклеарен термички ракетен мотор за идните мисии на Марс.

Нуклеарниот термички погон (НТП) има неколку предности во однос на ракетите со хемиски погон. Пред сѐ, тој е два до пет пати поделотворен и им овозможува на вселенските летала побрзо движење. Покрај тоа, намалениот баран простор за горивото остава повеќе место за складирање научна опрема и други основни работи на самото летало. Исто така, нуклеарните мотори го олеснуваат менувањето на траекторијата на вселенското летало за повратно патување порано од очекуваното. Овие фактори заедно го прават НТП скоро идеален метод за патување до Марс.

– Овие помоќни и поделотворни нуклеарни термални погонски системи можат да обезбедат пократко време на транзит меѓу дестинациите. Намалувањето на тоа време е битно за човековите мисии на Марс за да се ограничи изложеноста на екипажот на радијација, изјави Кирк Шајрман, одговорен за месечеви и вселенски истражувања во „Локхид Мартин“.

Системот НТП ќе користи нуклеарен реактор за брзо загревање на водородот до екстремно високи температури, а потоа тој гас се насочува низ млазницата на моторот за да се создаде потисок за вселенското летало. Пред НТП да им дозволи на првите луѓе да патуваат на Марс, може да се користи и за пократки летови. Овој погон би можел да го направи и преносот на материјали до Месечината уште полесен и побрз.