Полицијата во Данска поведе постапка против полицајка по објавената фотографија на која се гледа како прегрнува расплакана демонстрантка, која протестира против забраната за носење бурка.
Настанот го забележал фотограф на Ројтерс на 1 август, кога во Данска стапи на сила законот против покривање на лицето во јавност. За пратеникот од Либералната партија, Маркус Кнут, кој е против мигрантите, тоа беше доволно за да побара поведување постапка против полицајката.
-Работа на полицијата е да го спроведува законот, а не да ги гушка луѓето кои се против него, рече пратеникот.
Адвокатот на полицајката, пак, смета дека таа постапила соодветно, зашто и била дадена задача да ја смирува тензијата за време на протестите и нема никаква важност што жената носела никаб. Полицајката, чие име не се соопштува, е со данско потекло.
Забраната за покривање на лицето предизвика голема поделба во данското општество, каде едни сметаат дека е враќање кон секуларните и демократските вредности, додека другите мислат дека со забраната им се укинува правото на верски слободи и изразување.
По примерот на Данска, забрана за носење бурка воведоа и Франција, Белгија, Холандија, Бугарија и регионот Баварија во Германија.