Лидерите на НАТО денеска изјавија дека зајакнувањето на силите на Алијансата во Источна Европа како заштита од Русија претставува клучен приоритет на самитот во Мадрид.
Пристигнувајќи на разговорите во конгресниот центар во Мадрид, британскиот премиер рече дека НАТО треба „да ги научи лекциите од изминатите три месеци и да ја види потребата од ревидирање на позицијата на источното крило“.
Полскиот претседател Анджеј Дуда рече дека посветеноста на НАТО во голема мерка да ги зголеми силите за брза реакција за членките најблиску до Русија ќе ја направи Европа „побезбедна“.
„Русија е закана за Европа и не само за Европа, туку и за целото НАТО“, рече Дуда.
НАТО најави дека ќе ги зголеми своите сили за брза реакција од 40.000 на 300.000 војници на источното крило, кое ги вклучува границите на Полска со Украина и Белорусија, сојузникот на Русија.
Денешната работна сесија на самитот ќе се фокусира на тоа како НАТО може да обезбеди поголема поддршка на Украина.
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека членките на Алијансата и другите ќе продолжат да ја поддржуваат Украина и нејзината способност да се брани од Русија „се додека тоа е неопходно“.
Во изјавата на почетокот на работниот дел од самитот на НАТО во Мадрид, тој рече дека Алијансата и „многу, многу други земји“ се согласиле дека Русија го нарушила територијалниот интегритет и суверенитет на Украина кога нападна на 24 февруари.
„Затоа е правилно што земјите собрани овде, и многу други, придонесуваат со финансиски средства, хуманитарна помош, но и со обезбедување оружје што и е потребно на Украина за да се брани, рече Шолц.
„Ќе прецизираме колку долго и интензивно е потребно за Украина да може да се одбрани“, додаде тој.
Собирот, на кој учествуваат повеќе од 40 светски лидери, почна синоќа во Мадрид и трае до утре.