Ковид- 19 веројатно нема да мутира во многу посмртоносни варијанти, бидејќи едноставно „нема каде да оди“, вели Сара Гилберт, истакната научничка, која била вклучена во создавањето на оксфордската вакцина, што ја произведува „Астра Зенека“.
Гилберт вели дека вирусот станува помалку вирулентен со текот на времето бидејќи се шири кај популација што е веќе отпорна.
Иако очекува уште една генетска промена, таа смета дека Sars-CoV-2 на крајот ќе стане како другите сезонски коронавируси кои предизвикуваат настинки и респираторни инфекции.
-Гледаме бавно генетско поместување на вирусот, а населението постепено ќе развива имунитет, како и кај сите други сезонски коронавируси. Ги има четири и тие кружат со децении, а ние не сме ни свесни за нив. Значи, ние веќе живееме со четири различни човечки коронавируси за кои навистина не размислуваме премногу и на крајот Sars-CoV-2 ќе стане еден од нив. Прашањето е колку време ќе биде потребно за да се постигне ова и какви мерки ќе треба да преземеме во меѓувреме за да можеме да го сториме тоа. Досега сите претходни варијанти на вирусот, кои се чинеше дека се повеќе вирулентни и го избегнуваат имунитетот, беа надминати со варијантата делта, која е повеќе заразна, рече Гилберт.