Рускиот опозиционер Алексеј Навални изјави дека против него е покренато ново обвинение и дека му се закануваат дополнителни 15 години затвор.
„Што знам? Можеби Путин не ме мрази, можеби потајно ме обожава. Затоа сака да бидам скриен во подземен бункер и да ме чуваат доверливи луѓе, исто како него“, напиша Навални на Твитер.
Тој прашува „како поинаку да се објасни фактот дека не поминаа ниту осум дена од правосилноста на деветгодишната затворска казна, а веќе е покренато ново обвинение“.
„Излегува дека сум организирал екстремистичка група за поттикнување омраза кон функционерите и олигарсите. А, кога ме ставија во затвор, се осмелив да бидам незадоволен поради тоа, баш сум глупав и ги повикав граѓаните на протести. Можев да добијам уште 15 години затвор“, напиша Навални.
Според него, „тоа се уште 15 години во безбеден и стабилен бункер каде што ќе биде заштитен од изненадувањата и тешкотиите на слободниот живот во Русија“. (МИА)