сабота, 25. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Нема надеж дека има преживеани во Дунав по судирот на два брода (ВИДЕО)

Нема надеж дека има преживеани во Дунав по судирот на два брода (ВИДЕО)

Унгарската спасувачка служба синоќа соопшти дека се мали шансите да бидат пронајдени уште преживеани лица по сударот на два брода во Дунав, во центарот на Будимпешта, каде седум лица загинаа, додека 21 се водат за исчезнати.

-Повеќе би рекол дека нема надеж, отколку дека има мали шанси за да се извлечат преживеани лица, изјави портпаролот на Унгарската национална амбулантна служба, Пал Дорфи.

Според неговите зборови, причина за овој заклучок не е само ниската температура во Дунав, туку и силните водени струи, испарувањата над површината на реката, но и недоволно топлата облека која на себе ја носеле исчезнатите патници од потонатиот мал туристички брод, пренесе „Ројтерс“.

Унгарската полиција соопшти дека биле потребни неколку секунди за малиот туристички брод да потоне по сударот со многу поголем и тежок крузер во средата вечерта.

Видео снимката која беше објавена вчера прикажа дека бродот за разгледување што се преврте, а кој превезувал 33 Јужнокорејци и двајца унгарски членови на екипажот, патувал во ист правец како и поголемиот брод со кој се судрил.