Неприфатливо е францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан да го обвини претседателот на Турција дека игра политички игри во случајот со убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги, изјави денеска Фахретин Алтун, шефот на Одделот за комуникации во Кабинетот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
Ле Дријан претходно изјави дека Франција, колку што му е нему познато, не поседува снимка во врска со убиството на саудискиот новинар, со што ги демантираше наводите на турскиот претседател.
Ердоган пред два дена изјави дека официјални лица од Саудиска Арабија, САД, Германија, Франција и Велика Британија преслушале аудио снимки во врска со убиството на новинарот Џамал Кашоги што им ги дала Турција.
– Им дадовме снимки. Им дадовме на Саудиска Арабија, САД, на Германците, Французите и Британците. На сите нив. Тие ги преслушале разговорите. Сите знаат, изјави тогаш Ердоган.
Како што јави агенцијата Анадолија, Алтун денеска истакна дека зборовите на Ле Дријан за чекорите што ги презела Турција кога станува збор за убиството на Кашоги не ја отсликуваат вистината.
– Неприфатливи се обвиненијата дека нашиот претседател Ердоган игра политички игри. Не треба да се заборави дека да не беа одлучните напори на Турција, овој случај одамна би бил прикриен. Турција покажува јасна намера да ја изнесе вистината на виделина, изјави Алтун.
Тој потсети на изјавата на премиерот на Канада, Џастин Трудо, дека разузнавачката служба на таа земја ги преслушала снимките од убиството на новинарот.
Алтун додаде дека Турција ги споделила доказите од убиството на Кашоги и со француските институции и истакна дека Анкара не може да ги решава можните проблеми во комуникацијата на француските институции, туку дека тоа треба да го направи француската страна.
– Турција продолжува да работи на откривање на сите детали од убиството на Кашоги. Тоа ги вклучува и оние што го наредија убиството. Ги повикуваме сите актери на меѓународната заедница, првенствено Франција, да преземат чекори што ќе придонесат за остварувањето на таа цел, ја пренесува Анадолија изјавата на Алтун.
Кашоги беше убиен во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври, но неговото тело не е пронајдено.