Властите на австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс предложија лицата кои не примиле вакцина против Ковид-19 да ги плаќаат трошоците за болничко лекување.
Властите тврдат дека невакцинираните пациенти се неодговорни и претставуваат голем трошок за даночните обврзници и затоа предлагаат сами да си го плата своето лекување.
Голем број политичари и лекари се изјаснија против предлогот и тврдат дека здравствената нега во Австралија мора да е достапна за секого.
Членовите на австралиската федерална Влада се скептични кон предлогот, додека Австралиската медицинска асоцијација соопшти дека истиот е неетичен, а можеби не е во согласност со законот.
Претседателката на австралискиот Кралски медицински колеџ Карен Прајс истакна дека предлогот ќе ги погоди сиромашните или помалку образованите заедници.
Меѓу невакцинираните лица има голем број на недоволно информирани или немаат пристап до вакцини и од таа гледна точка не би било етички да се применува овој принцип, наведе Прајс.
Во Австралија, 90 проценти од тие кои имаат пристап до вакцини се целосно вакцинирани.
Во Нов Јужен Велс во еден ден се регистрирани 5.715 новозаразени лица, што е рекорд во Австралија од почетокот на пандемијата.
Западна Австралија беше првата што воведе задолжителна вакцинација за одредени групи на население. Негативен тест е потребен за патување меѓу австралиските сојузни држави.