Никарагва вчера ги прекина своите долгогодишни дипломатски врски со Тајван, префрлајќи ја верноста кон Пекинг како признавање на политиката на кинеската Комунистичка партија „Една Кина“.
„Владата на Република Никарагва денеска ги прекинува дипломатските односи со Тајван и престанува да има какви било контакти или официјални односи. Народна Република Кина е единствената легитимна влада што ја претставува цела Кина, а Тајван е неотуѓив дел од кинеската територија“, се вели во соопштението на тамошното МНР.
Тајван брзо реагираше, изразувајќи „болка и жалење“ поради одлуката и рече дека претседателот на таа централноамериканска земја, Даниел Ортега, го запоставил пријателството меѓу народот на Тајван и Никарагва. Потегот на Никарагва го остава Тајван со само 14 формални дипломатски сојузници, главно во Латинска Америка и Карибите, заедно со неколку мали држави.
Раскинувањето со Тајван е удар и за САД, по неколкумесечните влошени односи меѓу Ортега и Вашингтон, а дојде на ден кога американскиот Стејт департмент соопшти дека вовел санкции за советникот за национална безбедност на Ортега, Нестор Монкади Лау, велејќи дека тој управува увозна шема и царинска измама за збогатување на членовите на владата на Ортега.
Минатиот месец американскиот претседател Џо Бајден го критикуваше Ортега, нарекувајќи ги претседателските избори во Никарагва „пантомима“ затоа што поранешната марксистичка герилец и противник на САД од Студената војна победи на изборите и го освои четвртиот мандат по ред, пренесува Хина.
Потегот на Никарагва, исто така, следи по заканите од новите лидери на Хондурас дека ќе ги прекинат односите со Тајпеј. Сепак, по минатомесечните избори во Хондурас, тимот на идниот претседател Ксиомар Кастро донекаде се повлече од таа позиција.