Последните зборови кои ги изговорил убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги, откако бил затворен од страна на саудиските напаѓачи во конзулатот во Истанбул биле „Не можам да дишам“, објави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на извори блиски до истрагата.
Изворот кој го преведувал транскриптот од аудио снимката од последните моменти на Кашоги, изјавил дека било јасно дека неговото убиство на 2 октомври е планирано.
Како што наведува, Кашоги се борел за живот.
„Не можам да дишам“, повторил тој три пати.
Во транскриптот се наведува дека на снимката се слуша звук на пила, како и музика која убијците ја пуштиле за да го неутрализираат звукот на сечење на телото на убиениот новинар.
Се наведува дека непосредно по убиството извршени се неколку телефонски разговори во кои некој е известен за завршената работа.
Кашоги на 2 октомври влегол во саудискиот конзулат за да добие документи неопходни за венчавка со својата девојка од Турција, а што влегол, препознал еден маж и го прашал што прави таму.
Како што тврди изворот на Си-Ен-Ен, станува збор за Махер Абдулазизу Мутреби, поранешен саудиски дипломат и разузнавач кој работи за саудискиот престолонаследник Мухамед бин Салман.
-Одиш назад, рекол мажот.
-Не можете тоа да го направите. Луѓе чекаат надвор, рекол Кашоги, по што се слушнала врева.
Еден од гласовите кој се препознава на снимката е идентификуван како глас на докторот Салах Мухамед ал-Тубаикиј, шеф на форензичката медицина на Министерството за внатрешни работи на Саудиска Арабија.
Транскриптот, како што вели изворот на Си-Ен-Ен, е краток и во него нема многу дијалог, ниту се објаснува зошто Кашоги требало да „оди назад“, меѓутоа заклучокот е дека неговото убиство било планирано и организирано.