Новинарот на белорускиот сервис на „Радио Слободна Европа“ (РСЕ), Андреј Кузњецик (43) е осуден на шест години затвор под строго обезбедување, поради обвинение дека учествувал во создавање на екстремистичка организација и дека бил дел од неа, јави неговиот медиум.
Кузњечик првпат беше уапсен во ноември 2021 година додека возел велосипед во близина на неговата куќа во Минск и оттогаш е во притвор. Тој доби две административни казни од 10 дена затвор за хулиганство, а на 23 декември минатата година белоруските власти покренаа кривична постапка против него.
Ова се случи на денот кога властите го додадоа РСЕ во нивниот регистар на екстремистички организации. Поради судската забрана за коментирање на случајот, обвиненијата против новинарот беа непознати до крајот на мај 2022 година.
Семејството на новинарот вели дека на регионалниот суд во Могилев вчера му биле доволни само неколку часа да го разгледа случајот пред да ја изрече осудителната пресуда од шест години затвор.
Џејми Флај, извршен директор на РСЕ, изјави дека Кузњецик е осуден по смешни обвиненија во судењето зад затворени врати, што заврши за неколку часа.
-Значајно е што обвиненијата против него се појавија дури кон крајот на мај, повеќе од шест месеци откако беше првпат уапсен. Бараме итно ослободување на Андреј, рече Флај.
Кузњецик е еден од тројцата новинари на истиот медиумски сервис кои моментално се во затвор во Белорусија. Останатите двајца се Алех Хруџиловиќ и Ихар Лосик. (МИА)