недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Нуклеарна војна би предизвикала глобален глад и смрт на милијарди луѓе

Нуклеарна војна би предизвикала глобален глад и смрт на милијарди луѓе

Повеќе од 5 милијарди луѓе би умреле од глад по евентуалната нуклеарна војна меѓу САД и Русија, а дури и ограничен нуклеарен судир меѓу Индија и Пакистан би го десеткувало земјоделското производство и би резултирало со масовна глад во светот, покажува глобалната студија што ја изработија научници од американскиот Универзитет Рутгерс во соработка со повеќе други универзитети.

Научниците ги пресметале ризиците од шест можни нуклеарни сценарија: пет помали индиско-пакистански војни и голем конфликт меѓу САД и Русија, врз основа на големината на нуклеарниот арсенал на секоја земја.

Дури и релативно помал конфликт меѓу нуклеарните сили Индија и Пакистан може да предизвика глад на повеќе од милијарда луѓе и уништување на земјоделските култури. Само од експлозиите на нуклеарните бомби ќе умрат меѓу 50 до 100 милиони луѓе.

Локален судир меѓу Индија и Пакистан би предизвикал пад на приносите во глобалното земјоделство за околу 7 проценти во рок од пет години, додека американско-руската војна би предизвикала за 90 отсто во рок од три до четири години.

Овие промени ќе предизвикаат катастрофално нарушување на глобалните пазари на храна, а повеќе од 75 отсто од жителите на планетата би гладувале две години.

Нуклеарните војни би донеле и други последици – озонската обвивка ќе биде уништена со загревањето на стратосферата, создавајќи повеќе ултравиолетово зрачење на површината, што ќе има катастрофални последици.

Прашината и саѓите од експлозиите ќе предизвикаат затемнување и „нуклеарна зима“. Во годините веднаш по нуклеарниот конфликт, 5 милијарди луѓе би можеле да умрат од глад предизвикан од прашината во атмосферата, што би ја блокирало сончевата светлина, што веројатно многу би ги надминало жртвите предизвикани од самите експлозии.

– Податоците ни кажуваат една работа: мораме да спречиме нуклеарна војна никогаш да не се случи. Забраната на нуклеарното оружје е единственото долгорочно решение. Петгодишниот Договор на ОН за забрана на нуклеарно оружје е ратификуван од 66 земји, но ниту една од деветте нуклеарни држави. Нашата работа јасно покажува дека е време тие девет држави да ја слушаат науката и остатокот од светот и да го потпишат овој договор, вели Алан Робок, професор по климатски науки на Рутгер и еден од авторите на студијата.

Во студијата предводена од Рутгерс, учествувале научници и од Универзитот во Барселона, ​​Државниот универзитет во Луизијана, Институтот за истражување на климатските влијанија во Потсдам, Институтот за вселенски студии НАСА Годард, Универзитетот Колумбија, Националниот центар за атмосферски истражувања, Универзитетот во Колорадо и Универзитетот за технологија во Квинсленд.