Добитници на овогодинешната Нобелова награда за физиологија и медицина се унгарската биохемичарка Каталин Карико и американскиот научник Дру Вајсман.
Тие добија награда за нивниот придонес во развојот на mRNA вакцина против Ковид.
Карико е американско-унгарска биохемичарка која до 2022 година беше потпретседателка и раководителка на размена на RNA-протеини во БиоНТек, по што беше консултант на споменатата компанија. Покрај тоа, таа е предавач на Универзитетот во Сигет, Унгарија и вонреден професор на Медицинскиот факултет Перелман на Американскиот универзитет во Пенсилванија. Вајсман, исто так е професор по истражување за вакцини во оваа установа.
Како што објави Нобеловиот комитет, нивните откритија беа клучни за развојот на ефикасни вакцини mRNA против ковид-19 за време на пандемијата што започна на почетокот на 2020 година.
„Преку нивните револуционерни откритија, кои фундаментално го сменија нашето разбирање за тоа како mRNA комуницира со нашиот имунолошки систем, лауреатите придонесоа за невидена стапка на развој на вакцини за време на една од најголемите закани за човековото здравје во модерното време“, се наведува во образложението.
Инаку, 113 Нобелови награди се доделени за физиологија и медицина од 1901 година, од кога се доделува наградата.
Најмладиот лауреат бил Фредерик Г. Бантинг, кој на само 32 години ја добил оваа награда за откривање на инсулин (1923), додека најстар тогаш 87-годишниот Пејтон Ројс. Тој беше награден во 1966 година за откривање на вируси кои предизвикуваат тумор.
Нобеловите награди беа иницирани со волјата на пронаоѓачот на динамитот и донатор Алфред Нобел (1833 – 1896). Тие се наменети да им оддадат почит на оние кои беа од најголема корист за човештвото во секоја категорија во текот на претходната година. Наградите традиционално се доделуваат на церемонија на 10 декември, годишнината од смртта на Нобел.
Оваа година, Нобеловата фондација ја зголеми паричната награда по категорија за еден милион шведски круни на 11 милиони круни (950.000 евра).