Во својот трет обид, левичарскиот кандидат Мануел Лопез Обрадор (64) победи на изборите во Мексико со 53 проценти од гласовите, далеку над конзервативните кандидати. Противкандидатот Хозе Антонио Меад му честиташе на Обрадор на победата, а честитка упати и американскиот претседател Доналд Трамп.
– Со задоволство очекувам да соработувам со него. Можеме многу да сториме од полза како за Соединетите Американски Држави, така и за Мексико, напиша Трамп во коментар на Твитер.
И самиот Обрадор вети дека ќе соработува во САД, иако во текот на предизборната кампања и тој и сите други кандидати упатуваа остри критики кон Трамп, поради неговата најава дека ќе изгради ѕид на границата со Мексико. Обрадор вети дека ќе ги зголеми платите во јавната администрација, а ќе ја намали претседателската плата и ќе го продаде службениот авион. Обрадор учествуваше на претседателските избори во 2006 и во 2012 година, губејќи ги изборите со мала разлика.
Мексиканците вчера гласаа за избор на новиот Конгрес, како и за 1.500 градоначалнички места. Над 130 кандидати беа убиени од минатата есен, и во текот на изборната кампања.
МИА